Повеќе од половина од младите сакаат да се иселат од државата. Бараат работа, плата, образование, но и повисок квалитет на живот. Кој еднаш заминал, ретко помислува на враќање.
Повисок животен стандард, подобра работа или подобро образование се главните причини поради кои младите сакаат да се иселат од Македонија.
Неодамнешната студија на Фондацијата Фридрих Еберт покажува дека 53 отсто од младите сакаат да си заминат од земјава.
Дона Костуранова од Младинскиот образовен форум вели дека е очигледно дека Македонија се соочува со масовно иселување на младите. Главни причини се невработеноста, можноста за градење кариера и подобро образование, вели таа.
„Но, мора да забележиме дека тоа не се единствените причини кои ги задржуваат младите во странство. Во моментот кога некој ќе се соочи со повисок стандард на живот, со богат културен живот, со диверзитет на можности околу нив, со функционална инфраструктура, сигурно дека и тие фактори влијаат некој да одбере некоја друга земја како место за живеење“, вели Костуранова.
Зоран Илиески од Коалицијата на младински организации „Сега“, вели дека најчестиот начин на заминување е преку запишување факултет и постдипломски студии во странство.
„Тие се спремаат да заминат и да не се враќаат повеќе. Чувствуваат дека таму многу полесно може да ја обезбедат својата плата, својот социјален статус и дека многу покомотно би живееле доколку останат таму, отколку ако таму спечалат одредени средства и да се вратат назад“, вели тој.
Костуранова наведува дека младите имаат голем степен на недоверба во институциите, партиите и невладиниот сектор, тие се социјално исклучени и се автоцензурираат.
„Нашата држава мора да ја каже статистиката за бројот на луѓе кои си заминале, да ги анализира причините поради кои си заминале и да се заложи за стратешки пристап кој целосно ќе ги унапреди можностите на младите луѓе и ќе ги промени навиките на останување и заминување од оваа земја. Тој стратешки пристап секако треба да се изработи и со други засегнати чинители, вклучувајќи и директно млади луѓе, кои најдобро ги знаат своите проблеми. Во спротивно, нема зошто егзодусот на млади луѓе од Македонија да се намали или да очекуваме дека ќе видиме некаква промена“, вели Костуранова.
Од земјите во регионот, поголема желба за иселување имаат младите од Албанија, која сакаат да ја напуштат две третини од младите и Косово од каде сакаат да си заминат 55 проценти од младите луѓе. Најголем дел од нив иднината си ја гледаат во некоја од западноевропските земји, најчесто од Германија, но посакувана дестинација се и САД, Канада и Австралија.
Македонија нема статистика колку луѓе се иселиле од земјава. Последниот попис во државата се спроведе во 2002 година. Според статистичката служба на Европската унија - Еуростат, во периодот од 1998 до 2011 година, Македонија ја напуштиле околу 230 илјади граѓани, од кои најголемиот дел се млади луѓе. Според Светска банка, пак, заклучно со 2010 година од државава се иселиле 447 илјади граѓани.
Нема коментара:
Постави коментар
Напомена: Само члан овог блога може да постави коментар.